Премиерот Зоран Заев денеска обелодени дека и понудил на ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата за заедно да го „одработат“ референдумот. Но, ВМРО-ДПМНЕ го одбила ваквиот предлог, но останала цврсто на барањето за амнестија.

– Дадов понуда до 2020 да бидам премиер, но подготвен сум да го споделам својот мандат со ВМРО-ДПМНЕ, да го одработиме рефенедурномот, но го одбија тоа. Им испратив покана да влезат во Владат додека не станеме полноправна членка на НАТО, до крајот на 2019, почетокот на 2020 година кога ќе почнат и преговорите со ЕУ. Но, готово е тоа сега, Го одбија предлогот. Беше речено дека само амнестија е интересот. Се бараше членот 353 и 165 од законот да се променат, истакна Заев во отвореното студиот на 1тв од Охрид.
Тој уште еднаш нагласи дека амнестија, директна или индиреткна, нема да има. Во текот на лидерските средби биле прифатени барањата на ВМРО-ДПМНЕ, законот за финансирање на политичките партии, законот за влада, а составот на ДИК бил договорен пред неколку месеци, а за да се постигне повеќе на опозцијата, рече, и понудил лепеза можности, кои значат одговорност на сите политички партии.
Заев на Мицкоски му понудил и, ако опозоцијата обезбеди 300.000 гласови против референдумот, може слободно да избере кога сака да има избори, но и тоа не било прифатено.
Ќе поднесам оставка ако на референдумот има повеќе гласови „против“ од „за“, рече денеска премиерот Зоран Заев од отвореното студио на 1тв во Охрид.
Според него, добро е, не само за државата, туку и за ВМРО-ДПМНЕ да повика на излезеност на референдумот, а граѓаните да се изјаснат како сакаат.
– Пред лидерите на политичките партии реков, ако сме за ЕИ и НАТО, ајде нашите партиски определби да ги ставиме на страна или во втор план, а државата да биде на прво место, истакна Заев, откако претходно информира дека на ВМРО-ДПМНЕ и поунудил да влезе во Владата за заедно да го „одработат“ референдумот, но опозициката партија одбила, останувајќи на барањето за аменстија.
Ѓорге Иванов и опозицијата не можат да ги надминат својата немоќ и фрустрации. Несериозно е на таков начин, како вчера од Мечкин Камен, цинично да се испраќаат пораки. Само политичка фрустрација е однесувањето на така високи функционери. ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата се крстеа во референдумот повеќе од една деценија, му кажуваа на народот дека граѓаните ќе одлучуваат на тој начин, а денес не смогнуваат сили да повикаат на референдум, рече премиерот Зоран Заев во денешното отворено студио на 1тв од Охрид.
Заев соопшти дека со Иванов се видел два дена пред чествувањето на Илинден во Крушево. Имале состанок кој, како што истакна, бил пријатен, а се разговарало за регионални и многу важни државни прашања, важни за безбедноста, иднината, актуелните моменти. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго.
Според премиерот, некои од лицата што го предизвикаа вчерашниот инцидент во Крушево биле и во Собранието на 27 април. Тоа е мала група, оцени Заев, од 50-на лица, исфрустриани и мотивирани од некого да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО-ДПМНЕ, а и физички се насилни. Сепак, смета Заев, овие луѓе имаат одредена цел.
ЕК за говорот на Иванов: Сите да обезбедат имплементација на договорот со Грција
– Со Иванов имавме пријатен состанок, поразговаравме за очекувањата на Мечкин Камен. За жал, се случија мотивации од самиот говор на претседателот, лица, веројатно под дејство на алкохол, да шират омраза , рече Заев.
Тој порача дека во овие моменти на Македонија и треба единство, а обврска на политичарите е да бидат мудри и на земјата да и обезбедат добра иднина.
– Сите сме должни да им овозможиме на граѓаните референдум, да си го кажат тоа што е битно за нивната држава. Тоа а врв на демократијата. Сите знаеме дека нема подобра иднина за Македонија од евроатлантското интегрирање, но тоа не е можно без решен проблем, истакна Заев.
Претседателот Иванов, како што дополни премиерот, бил постојано информиран за текот на разговорите со Грција.
– Јас сум сериозен човек и мојата фунцкија е одговорна. Иванов беше информиран, а и шефот на опизицијата, но не сме сите таму да преговараме. Преговараат премиерот и министерот за надворешни работи. Се водевме од најпатриотското, да обезбедиме иднина, а да ги зачуваме нашиот идентитет, култура, наследство. Иванов беше информиран, имаше и лидерски средби. Тоа го правеше и премиерот на Грција, по разговорите одеше кај претседателот на државата и партиите, така прават сите држави во светот, рече Заев.
Тој јавно праша, зошто 11 години опозициските партии на Грција и Македонија не направија договор за името и каде беше претседателот досега.
– Мора да бидеме одговорни, ова не падна од небо. На крајот, сепак, одлучуваат граѓаните, а тие, како што секогаш носеле исправни одлуки, и сега ќе ја донесат најисправната одлука зашто ова е максимално добро за Македонија, а Договорот со Грција е фер, потенцира премиерот Зоран Заев.