„Докажавме дека луѓето што ја знаат маката на земјоделците и работникот, може да постигнат успеси. Еден од најголемите капитални проекти, изградбата на канализационен систем за фекална отпадна вода, е за село Банско. Тоа е 18 км канализационен систем, кој останува трајно да се користи за 2.000 жители тука“, рече претседателот Заев на средба со граѓани во село Банско, во општина Струмица.
„Сега со пријатели и решени меѓународни проблеми, со членство во НАТО и почнати преговори со ЕУ, ќе докажеме 10 пати повеќе резултати, комуналната инфраструктура ќе ја развиваме 10 пати посилно. Заедно ќе го подобриме и квалитетот на водата во Банско. Инвестиравме во мрежата, ја саниравме и направивме филтер станица и тој ќе го завршиме до крај според сите стандарди“, рече претседателот Заев уверувајќи ги граѓаните дека заедно со Општина Струмица, Банско ќе го има најголемиот СПА центар во државата за развој на туризмот и во лето и во зима.
Во Муртино, Заев го истакна инвестирањето во инфраструктурата но и зголемената помош кон земјоделците, како и реализацијата на Концептот парите кај граѓаните, преку субвенциите кои се исплаќаат редовно и навремено, субвенцирањето на зелената нафта, покачувањето на пензиите и платите, одлуката за државна социјална пензија, поддршката на стечајните работниците и помошта за повеќе од 500 млади земјоделци.
„Со СДСМ сите кои имаат потреба добиваат поддршка, и тоа навреме. Социјалната помош ја покачивме за 300%. Пензиите ги покачивме за 1.740 денари. Минималната плата беше 9.000 денари, а сега е 14.500. Просечната плата е покачена за 5.000 денари за само две и пол години.
Низ Струмичкиот регион има изградено патишта насекаде, следува целосна реконструкција на патот Робово – Муртино – Банско. Патот кон Берово е целосно рехабилитиран. Го отвораме струмичкиот регион комплетно со експресниот пат Радовиш – Штип. Правиме проект Смоквица – Валандово, Валандовско Брдо – Струмица граничен премин кон Бугарија и кон автопатот со Грција на коридорот 10“, рече Заев и ја најави новата програмата од Европската инвестициона банка за канализации и водоводи од 50 милиони евра, како и средствата од 49 милиони евра пренаменети од Штипскиот аеродром за изградба на градинки, училишта, спортски сали и комунална инфраструктура за сите“, потенцираше претседателот Заев и повтори дека ќе продолжи зајакнувањето на економијата.
„Ќе продолжиме да го јакнеме економскиот стандард на нашите граѓани преку враќање пари назад во семејствата. Лажните патриоти за сите 11 години ги интересираше само власт, пари, моќ и ништо друго. Мицкоски е десната рака на Груевски, сакаат пак да се закануваат на луѓе и по партиски штабови да прават списоци за субвенции или за социјална помош. Сега парите одат назад кај граѓаните, а не во споменици, музеи и стиропорни фасади како што одеа 11 години“, заклучи претседателот Заев.