Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денес, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе учествува на Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се одржи во Брдо – Крањ.
На Самитот, којшто се одржува за време на словенечкото претседавање со ЕУ и кој ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, лидерите на државите на Западен Балкан, како и лидерите на Европскиот совет и на Европската комисија, ќе се разговара за политиките на ЕУ за Западен Балкан во претстојниот период, вклучително и темата за проширувањето.
На овие теми премиерот Заев ќе земе учество во две панел дискусии.
Во рамките на својата агенда на Самитот во Брдо – Крањ, претседателот на Владата Зоран Заев ќе има заедничка работна средба со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
Премиерот Заев ќе има заедничка средба и со премиерот на Словенија, Јанез Јанша, со претседателот на Бугарија, Румен Радев и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, како и посебна билатерална средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Ирска, Мајкл Мартин.