И денеска, на денот кога во 1993 година со неговата смрт се заокружи едно големо, разновидно, доблесно и придвижувачко творештво, нашите мисли се исполнети со гордост што бевме современици на Блаже Конески, напиша премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил по повод 27 години од смртт на Блаже Конески.
-Големината и значењето на животот и делото на Конески за македонскиот идентитет, за македонската национална култура, за македонскиот јазик го прават не само втемелен факт во историјата, туку и жив двигател на нашата сегашност во разни области – во науката за јазикот, во уметноста и силата на зборот, во моќта да го закрепнува нашето духовно самочувство кога ни остави завет да го чуваме јазикот, зашто јазикот е нашата татковина.
Денес, македонскиот јазик е дел од светската енциклопедија јазици и никој не може да ја негира неговата автентичност. Жив јазик на македонскиот народ со свој изворен правопис, граматика, речник, и своја континуирана и развојна историја.
Правописот на македонскиот јазик, чие прво издание беше објавено и потпишано од Блаже Конески и Крум Тошев, уште во мугрите на раѓањето на современата македонска држава во 1945 година, денеска, како најново и дополнето издание од плејада македонисти и ученици на Конески, е слободно достапен на сите граѓани како инструмент за унапредување на македонскиот јазик (www.pravopis.mk).
Во монументалното дело на Конески се вградени и длабоки хуманистички идеали и научни достигнувања кои беа препознаени и од светската академска јавност, а светот им оддава признание и денес со впишувањето на 100 годишнината од неговото раѓање како настан за одбележување запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година.
Тоа е уште една глобална афирмација на македонските јазик, наука и култура со програма со која во национални и во меѓународни рамки ќе се одбележи оваа значајна годишнина.
Великаните не заминуваат никогаш. Таков е и Блаже Конески. Тој со своето сеприсуство и денес ги побива и се надвишува над сите злонамерници што го напаѓаа и го нарекуваа „џуџето од Небрегово“, а денеска му ги читаат песните. Ништожни се таквите чинови на порекнување на големите македонски дела и големите македонски дејци, ништожни се во споредба со громогласниот џин заштитник на македонската реч, напиша Заев.