Заев: Лазаревски и Костовски се гордоста на нашето општество

од Nikola Popovski
436 прегледи

Премиерот Зоран Заев упати честитки до, како што вели, хероите на демократијата Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, за државната награда за човекови права „Мето Јовановски“.

-Нивната храброст и нивните вредности осојузени со политичкото и граѓанското мнозинство беа силен удар врз недемократските окови на режимот и го започнаа патот кон ослободувањето на нашето општество. Оваа нивна жртва ги поставува високо на пиедесталот моралот и одговорноста коишто еден граѓанин може да ги покаже, нагласува Заев и додава:

-Не би можел да замислам посоодветен и позаслужен избор на луѓе за оваа награда. Ви се поклонувам, вие сте гордоста на нашето општество!, потенцира премиерот.

Лазаревски и Костовски своевремено вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски.

Костовски се спогоди со Обвинителството и призна дека е виновен по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и поради тоа остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година, по аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Во 2018 година Лазаревски и Костовски ја добија наградата за слобода на говор за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широкото распространето кршење на човековите права која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на ЈИЕ и од Европскиот центар за права на укажувачите.

Слични содржини