Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во сабота ќе одржат одвоени средби. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев ќе се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во 17 часот во владината зграда. По средбата со Заев, Мицкоски ќе замине на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, која ќе се одржи во 19:30 часот, на засега непозната локација, а информацијата за двете средби ја потврдуваат од опозициската партија.
На средбите ќе се разговара за техничката влада која треба да започне да функционира на 3 јануари, како и кадровските решенија кои ќе ја предводат владата, а во која треба да седне технички премиер од СДСМ и двајца технички министри од опозицијата.
Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го блокира парламентот, веројатно е тој да не даде оставка на 3 јануари, со што нема да почне да функционира техничката Влада, па така ќе се одложат изборите кои треба да се одржат на 12 април.