Премиерот Зоран Заев денеска оствари работна средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис во Владата во Атина. На средбата присуствуваа и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.
Премиерите на двете земји констатирале напредок во досегашното спроведување на обврските од Договорот од Преспа од двете страни и изразија посветеност за целосна и непречена натамошна имплементација. Беше заклучено дека Договорот од Преспа донесе решенија кои значат пријателство, прогрес и економија.
Во однос на евроитеграциите на Северна Македонија, Мицотакис порачал до Заев дека Грција секогаш ќе биде сојузник на кој граѓаните на С. Македонија можат да сметаат.
Заедничка била констатацијата на премиерите дека С. Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и дека претпристапните преговори со ЕУ треба да почнат час поскоро.
Земјата покажа дека има сериозен капацитет да склучува и исполнува договори за пријателство, заклучиле Мицотакис и Заев.
Дополнително на средбата е подвлечено дека не е опција да се раздвојуваат С. Македонија и Албанија од аспект на почнување на процесот на преговори со ЕУ.
Поголем дел од состанокот премиерите на двете земји разговарале за искористување на потенцијалите за економска соработка, како и за деловните можности кои произлегуваат од соработката меѓу стопанските комори од двете земји. Мицотакис истакнал дека поради економски и геополитички причини Грција сериозно ја поздравува и поддржува одлуката на земјава за инвестициите во гасните проекти Александруполи.
Во рамки на средбата, Мицотакис го известил Заев дека почнувајќи од утре, 14.5.2021 година, се отвора граничниот премин „Евзони” за сите граѓани на С. Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела.