Претседателот на Владата на Република Северна Македонија денеска преку интернет конференциска врска учествуваше на Конференцијата „Западен Балкан: Еден регион, еден пазар -Чекор кон заедничкиот пазар на ЕУ”, заедно со повеќе челници и претставници на влади, невладини организации и членови на бизнис заедницата од регионот.
Учесниците на дводневната конференција, која се одржува овие два дена (28-29 .9.2021 година) во Нови Сад, Република Србија, во организација на Фондот за европски прашања на Автономната покраина Војводина, Фондацијата „Конрад Аденауер” и Регионалниот форум за младинско лидерство разговараа за регионалните иницијативи како дел од политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, со акцент на придобивките на најновата иницијатива „Отворен Балкан” и создавање на заеднички пазар за земјите од Западен Балкан.
„Ние како влади, работиме и соработуваме, подготвени да ги слушнеме потребите на граѓаните, припадниците на бизнис секторот и коморите и водени од таа цел, заедно со лидерите на Република Србија и Република Албанија преземаме чекори и иницијативи за олеснување на нашата соработка, за надминување на бариерите и проблемите со цел создавање еден заеднички пазар и унапредување на економската соработка”, рече премиерот Заев поздравувајќи ги денешните учесници на лидерскиот панел, каде учествуваше заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ, претседателот на Собранието на Автономната покраина Војводина Иштван Пастор, градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) Алберт Хани и Норберт Бекман-Диркес, кој ја раководи Фондацијата „Конрад Аденауер” во Србија и Црна Гора.
Посочувајќи дека преку Берлинскиот процес се воспостави рамка и се дефинираа конкретни активности во сите области на таканаречените четири слободи на ЕУ, збогатени со дигитален, инвестициски, иновациски и индустриски столб, премиерот Заев истакна дека регионот на Западниот Балкан има обезбедена солидна основа за натамошен економски развој и соработка во социјалната и културна сфера.
„Она што следи во регионот е, прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што во прв ред претпоставува отстранување на сите постоечки бариери за слободата на движењето. Потоа, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во сите држави, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност. Конечно, ќе следи подобрување и на конкурентната способност на сите економии од регионот, паралелно со промовирањето на „зелен развој” и транзиција, преку различни видови на активности”, рече премиерот Заев истакнувајќи дека регионот кој има околу 18 милиони жители е добар потенцијал за искористување на сите придобивки кои се многу важни не само за земјите од Источна Европа туку и за земјите членки на Унијата.”, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Заев.
Премиерот Заев во своето обраќање се осврна на важноста на младинското претприемаштво, регионалната соработка и економскиот развој, истакнувајќи дека сите напори на владите на трите земји од регионот е насочена кон обезбедување на успешна иднина за младите, со цел економски развој, подобрувањето на условите за живот, како и совладувањето на причините што младите ги мотивираат, па често и принудуваат да се иселуваат во странство.
„Почитувани млади пријатели, знаеме дека младите луѓе на Балканот деловното работење го нарекуваат „бизнис”. Во таа смисла, претприемништвото е всушност „бизнис”, облик на деловна активност и деловно работење. Но, претприемништвото е и повеќе од тоа, односно тоа исто така претставува и вид на карактерна особина која ја поседуваат некои луѓе. Затоа, ве охрабрувам, ризикувајте, преземајте активности за да ги реализирате своите идеи, а ние, владите од регионот, ќе ве помагаме и ќе настојуваме да создадеме најповолна бизнис клима, отстранувајќи ги сите бирократски и слични пречки, дизајнирајќи и спроведувајќи разновидни мерки за поддршка на претприемачите – финансиски, инвестициони, локациони, обука на работната сила и слично”, истакна Заев на денешната Конференција.
Притоа Заев оцени дека Владата на Република Северна Македонија со којашто тој раководи ги препознава и ги знае овие задачи во однос на претприемништвото и во континуитет презема мерки за отстранување на административните и бирократските бариери што се испречуваат пред претприемачите. За тоа сведочат и повеќе извештаи на меѓународни институции, кои таканаречениот „квалитет на деловното опкружување” во Северна Македонија го оценуваат со многу високи оценки.