Претседателот на Владата на Република Северна Македонија со изјава за медиумите го оцени првото учество на Република Северна Македонија на НАТО Самитот 2021 на шефови на држави и влади како полноправна членка на Алијансата.
– Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка цел, а дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан. Северна Македонија, заедно со сите сојузници, се посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани, изјави Заев по самитот.
Силно веруваме, вели тој, дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евро-атлантска перспектива.
– Ставањето на овој дел од Европа во вакуум не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и засилени процеси на интеграција на земјите од регионот во НАТО и ЕУ. Денес повторно ги потврдивме нашите единство, кохезија и солидарност. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано, истакна премиерот.
Тој се заблагодари на генералниот секретар Столтенберг за неговото водство во креирањето на агендата на НАТО 2030 во соработка со сојузниците и за широките и инклузивни консултации со многу засегнати страни.
– Агендата на НАТО 2030 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО подготвен за 21 век. Ние се соочуваме со закани од Русија и предизвици од системски авторитарен натпревар до нашата Алијанса. Треба да сториме повеќе и ќе сториме повеќе за да ги поддржиме заедничките демократски вредности и да го заштитиме меѓународниот поредок заснован на прифатените правила. За таа цел треба ни претстои тесна соработка со истомислениците, главно со ЕУ, но и со други партнери, посочи Заев.
Во иднина, додаде премиерот на С.Македонија, ние сакаме да го видиме НАТО со поширока политичка димензија и функции.
– Ова ќе ни овозможи да ги унапредиме политиките во широк спектар на области и да се прилагодиме на новите предизвици, од кои ќе прозлезе зајакната политичката кохезија на НАТО. Денес, по успешниот Самит на НАТО, испраќаме силна и јасна порака: Заедно сме посилни, додаде Заев.