„Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европејците и на македонските граѓани, на 9 мај 1950 година францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да почне изградбата на нова Европа. Започна остварувањето на една визија за напредна и прогресивна Европа, за реализација на идејата за Европската Унија, во која лидерите на европските земји избраа сите разлики да ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, вели премиерот Зоран Заев по повод 9 Мај – Ден на Европа.
„Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа.
Македонската држава е втемелена врз начелата на правдата и слободата, и е дом за сите нејзини граѓани без исклучок, обединети и единствени во изборот околу европските вредности. Оваа генерација направи непоколеблив избор со членството во НАТО и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија. Нашиот природен дом е Европската Унија меѓу просперитетните европски нации.“, вели Заев.