Заев: Насилниците ми порачаа – видете го Села заклан, вие сте следниот

од Vladimir Zorba
306 прегледи

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма објасни што се случуваше во Собранието, за опасноста по животите на пратениците и новинарите од разулавената толпа.
„Видете го Села заклан, вие сте следниот“, вака на Заев му се обратил еден од толпата која влета насилно во Собранието.

За Заев, нема ништо спорно во тоа дека Митко Чавков бил еден од главните виновници за тоа што се случи вчера.

„Тоа е бандит, ништожник. Тој ги узурпира институциите. Тој е егзекуторот на сите валканици од 2006 година до денеска. Тој целосно ја обрука Македонија. Тој помагаше во уништувањето на Собранието, а не во неговото штитење. Сите докази ќе ги доставиме до обвинителството. Има многу докази “, рече Заев.

Според Заев, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев за време на вчерашните настани бил единствениот од партијата на Груевски што се обидувал да ја одврати толпата и да ги одбрани.
„Тој храбро стоеше пред нас и заедно со нас јадеше ќотек. Сета почит за неговото однесување. Колегијалност, човечност, хуманост на дело. Го видов и Тодоров како се обидува да интервенира. И толку“, рече Заев.

За можниот развој на настаните Заев вели дека се надева дека уште утре Вељаноски ќе му се јави на Џафери за да извршат примопредавање.

„Сѐ е законски. Нема тука дилеми. Сѐ е според Уставот и Деловникот. Платформата е политички изговор. Унапредување на јазикот е според Уставот. Никој ништо не бара надвор од Уставот. И ако Иванов не го даде мандатот, Македонија ќе има влада. Ние ќе носиме мудри одлуки во интерес на граѓаните. Алтернативи постојат. Го знаат тоа и Груевски и Иванов. Влада во Собранието се избира 3 дена. Тука има ограничување. До средината на мај завршуваат сите законски рокови, тоа го посакувам и би бил среќен тоа така да се случи. Јас сум должен да ги почитувам сите законски можности. Не сакам да размислувам за другите алтернативи, освен за оваа што зборуваме, 10 плус 3 дена рокови“, рече Заев.

Слични содржини