Заев: Не е пронајдена корупција кај министрите и директорите

од Nikola Popovski
564 прегледи

„Нема да барам одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата. Никаде во највисокиот ешалон, дури и во вториот, не е пронајдена корупција“, изјави премиерот Зоран Заев како одговор на прашањето како го коментира последниот извештај на Стејт Департментот за инвестициската клима за 2021 година.

Според него, нема корупција кај министрите и директорите, туку по анализите таа е пронајдена во административното функционирање на јавните институции.

„Затоа потпретседателот на Влада беше поставен да се бори против корупцијата. 9-10 месеци се работи на таа тема. Денес имаме транспарентно и отворено општество, што според извештаите во минатото го немавме. Сега и граѓаните можат да пријавуваат корупција“, истакна премиерот.

Официјален Вашингтон во последниот извештај на тапет ги стави полицијата, судството и многу други сектори.

„Спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, при што селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата/обвинителството, судството и многу други сектори.“ – се вели во Извештајот на Стејт Департмент.

Иако во Извештајот, се наведува дека антикорупционерите во земјава имаат отворено повеќе истраги за корупција и за високи функционери, сепак во целина се потенцира дека – земјата има комплексна регулаторна средина, со чести регулаторни и законски измени, кои заедно со неконзистентната интерпретација на правилата креираат непредвидлива средина за бизнис која води до корупција.

Слични содржини