„Точно, се јавив ноќта кај полициска службеничка Виолета со прекрасен глас. Овие возила веќе беа влезени на територија на Македонија и чекаа без право да мрднат. Ми се обрати граѓанин, знам дека е од турска националност, наш граѓанин, ниту му знам име и презиме, ниту знам кој е. Знам дека имаше дечиња во автомобилот, уште еднаш се консултирав вечерта, после полноќ беше тоа. Јас сум достапен за сите граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој се јавил на Граничниот премин Деве Баир да бидат пропуштени пет возила во 1 часот по полноќ, за време на полициски час.
Тој вели дека нема прекршено ниту една одредба, туку само сакал да им помогне на луѓето.
„ Јас всушност не се јавив кај полицајците, туку кај нашиот сограѓанин кој побара помош од мене. Тој им соопшти на полицајците дека премиерот ги бара, а тие на почетокот не можеа да поверуваат“, рече Заев.
Тој објаснува дека според одлуката на Владата за ограничување на движењето, сите наши граѓани што се враќаат од странство и влегуваат на територијата на Северна Македонија, на кој било од граничните премини, во временски период додека важи забраната и посебниот режим на движење, да им биде одобрено движење од граничниот премин до нивното престојувалиште или живеалиште.
Според него, секој би го направил тоа.
„За деца се работи. Веројатно и не беше ни толку ладно да се чека до 5 часот сабајле, но зошто кога има мерка да бидат пропуштени граѓаните. Чесно постапив, не сум прекршил ништо, ако има нешто спорно нека проверат самите институции. Но рековме, да им бидеме слуги на граѓаните и треба да им служиме на граѓаните. Дечињата се наше богатство и секако верувам кој и да е тоа би го направил“, заклучи Заев.