Овој масовен одзив на нашата покана да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција. Сакам да ве уверам, а се надевам дека тоа е и очигледно, дека нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка, изјави премиерот Зоран Заев од Економскиот форум во Скопје.
Според него, неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.
„Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда“, посочи Заев.