Заев очекува позитивен исход за преговорите со Бугарија по изборите

од Берта Китинска
246 прегледи

Самитот на Западен Балкан треба да донесе јасна и чиста порака дека земјите од регионов треба да бидат дел од Европската унија.  Ова се очекувањата на премиерот Заев во пресрет на одржувањето на Самитот закажан во среда во Брдо кај Крањ на лидерите на Европската унија и Западен Балкан.  Словенија која до декември е претседавач со Унијата побара сите земји од Западен Балкан до 2030 година да бидат примени во Европската унија, што предизвика големи реакции во Брисел.

„Тоа што го очекувам од ЕУ-Самитот за Западен Балкан е јасна и чиста порака дека местото на Западен Балкан е во Европската унија и дека за тоа е подготвена Европската унија, секако согласно сите чекори кои соодветно секоја земја треба да ги направи. На овој Самит не се носат одлуки од аспект на отворање на поглавја, први Меѓувладини конференции или за отворање на поглавја за земјите кои што преговараат“, истакна Зоран Заев.

Премиерот пред некој ден истакна дека меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите.

„Со завршени избори кај нас и завршени избори во Бугарија, тоа е првата причина да имаме добра шанса. Втората причина е што во разговорите се движиме на добар пат. Меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите. Тие да не разберат нам, ние да ги разбереме нив и верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со Договорот од 2017 година, но во пракса исто така тоа мораме да го гледаме секојдневно кај нас“, изјави премиерот Зоран Заев.

Инаку, реакцијата на Заев следи по изјавата на бугарскиот премиер Стефан Јанев дека Софија ќе го следи досегашниот курс во однос на Македонија и да го штити бугарскиот национален интерес, но и дека Бугарија мора да се фокусира на дијалог и на постојан контакт.

„Да се бара решение со властите во Република Северна Македонија во име на нашата заедничка иднина. Бугарија сака нормален дијалог, сака да го запре јазикот на омразата, како и воспитувањето за омраза кон Бугарија. Така овие работи ќе се решат и ќе се најде вистинската формула“, изјави бугарскиот премиер Јанев.

И претседателот Стево Пендаровски во интервју за денешното издание на грчкиот весник „То Вима“ изрази надеж дека по бугарските избори ќе продолжат разговорите меѓу двете земји.

Поддрша од Мас

Крајно време е ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, порача германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по денешната средба со неговиот македонски колега Бујар Османи во Берлин. Османи смета дека поддршката од Берлин ќе биде неопходна за надминување на спорот со Бугарија.
Двајцата министри имаат големи надежи од претстојниот самит ЕУ- Западен Балкан во Словенија.

„Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот застој. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака дека пристапување на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е остварлива цел. Со скорешниот напредок на Северна Македонија, политиката за проширување на ЕУ ќе добие голем кредибилитет“, се наведува во изјавата на Мас.

Инаку, Самитот на Европската унија во Словенија се одржува откако минатата недела агенцијата Ројтерс повикувајќи се на дипломатски извори на ЕУ објави дека Унијата веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на балканските земји. Еврокомесарката Фон Дер Лајен која беше во посета на Македонија и земјите од регионот ги негираше ваквите наводи и истакна дека и нејзината посета е експлицитна порака за европската перспектива на регионот.

Слични содржини