Заев: Од посебно значење е големото учество на СР Германија во македонската економија

од Aleksandar Todeski
325 прегледи

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас изразија жалење за одлуката на Европскиот Совет предизвикана од францускиот став и се согласија дека двете земји, ќе направат сѐ што е потребно за да се донесе позитивна одлука во скорешна временска рамка, за да се овозможи земјата забрзано да продолжи напред по европскиот пат, велат од Владата.

На средбата, на која како што соопшти владината прес служба, присуствувал и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, беше истакната исклучителната соработка меѓу двете земји, која е особено значајна во делот на поддршката на СР Германија на пристапувањето на нашата земја во членство во ЕУ.

Премиерот Заев во разговорот со министерот за надворешни работи Мас истакнал дека Северна Македонија постигна голем напредок во последните две ипол години, како резултат на посветената работа на институциите и граѓаните, но секако и со голема поддршка и помош од Германија.

Двајцата соговорници се согласиле дека сега се потребни вистински чекори од страна на ЕУ за земјата да продолжи уште побрзо на вистинскиот пат за да се обесхрабрат центрите кои се надеваат на национализам и радикализам.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев нагласи дека земјата е силно посветена на Берлинскиот процес, и дека тековната иницијатива за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан е комплементарна со целите и активностите во рамките на Берлинскиот процес.

„Од посебно значење на Северна Македонија е големото учество на СР Германија во македонската економија, преку програмите за странски директни инвестиции со што се отворени многу работни места. Вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна близу 4 милијарди евра, а во земјата работат 200 компании со германски капитал. Од суштинско значење е и одличната соработка со германската стопанска комора во нашата земја, и нејзината поддршка на програмите за стручно образование“, рече премиерот Заев на средбата.

Слични содржини