Заев оптимист, по изборите во Бугарија ќе може да се даде шанса на дијалогот

од Берта Китинска
338 прегледи

„Со завршени избори кај нас и завршени избори во Бугарија, тоа е првата причина да имаме добра шанса. Втората причина е што во разговорите се движиме на добар пат. Меѓусебната разбирачка сè повеќе е присутна во разговорите. Тие да не разберат нам, ние да ги разбереме нив и верувам дека низ едни такви разговори, низ дијалог, низ убава дипломатија, низ пријателство и подадена рака ќе го потврдуваме добрососедството, пријателството и соработката со Бугарија кое е означено со Договорот од 2017 година, но во пракса исто така тоа мораме да го гледаме секојдневно кај нас“, изјави премиерот Зоран Заев.

Инаку, реакцијата на Заев следи по изјавата на бугарскиот премиер Стефан Јанев дека Софија ќе го следи досегашниот курс во однос на Македонија и да го штити бугарскиот национален интерес, но и дека Бугарија мора да се фокусира на дијалог и на постојан контакт.

„Да се бара решение со властите во Република Северна Македонија во име на нашата заедничка иднина. Бугарија сака нормален дијалог, сака да го запре јазикот на омразата, како и воспитувањето за омраза кон Бугарија. Така овие работи ќе се решат и ќе се најде вистинската формула“, изјави бугарскиот премиер Јанев.

И претседателот Стево Пендаровски во интервју за денешното издание на грчкиот весник „То Вима“ изрази надеж дека по бугарските избори ќе продолжат разговорите меѓу двете земји.

Слични содржини