Заев: Отворени се 15 нови инклузивни детски градинки

од Nikola Popovski
340 прегледи

Преку сеопфатни политики и мулти-институционален пристап градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост имаат еднаков пристап за напредок и развој, објави премиерот Зоран Заев, по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Според него, оваа година го одбележуваме денот, како резултат на спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита.

-И не само денес, инклузијата на овие лица во општеството е процес на којшто сме посветени секој ден од годината. Тие се дел од нашето секојдневно живеење, наши пријатели и роднини.

Овие наши сограѓани најмногу од сè бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Владата е инклузијата на лицата со попреченост во сите општествени текови. Тоа е особено важно кога станува збор за животот на овие лица во актуелниот миг на пандемијата со КОВИД-19 и за нивната транзиција без стрес во пост-ковид периодот, потенцира Заев.

Тој информира дека Владата ја намали границата за лична асистенција.

-Сега право на личен асистент имаат лицата со попреченост од 6 до 64 годишна возраст. На тој начин овозможуваме лицата со попреченост да ги извршуваат секојдневните активности и да бидат активно вклучени во секојдневието.

Ја изработивме апликацијата Аудио-читач, која на слепите и на лицата со оштетен вид им овозможува пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија на свој мајчин јазик.

Отворени се 15 нови инклузивни детски градинки, кои им овозможуваат на децата со попреченост да се вклучат во предучилишното образование.

За оние кои се грижат за своите најблиски, а кои се лица со попреченост државата ја надополнува втората половина од платата доколку работат со скратено работно време, а за оние над 64 години возраст обезбедуваме еден вид на пензија, со цел да имаат економска сигурност, објави Заев.

Слични содржини