Премиерот Зоран Заев денеска го честита одбележувањето на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.
-Тоа е денот кога пред 77 години борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија и 16. Македонска бригада, како и од другите партизански единици, станаа дел од завршните операции за ослободување од фашистичката окупација и за остварување на сонот за сопствена и самостојна држава, со Скопје како нејзин главен град, напиша Заев.
Премиерот додаде дека ова е ден кога се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите борците и на цивилното население кое заедно со партизаните се бореа за секоја улица на нашиот град, и се сеќаваме на радоста на скопјани и на ослободителите на развиеното знаме на слободата на тогашниот Офицерски дом.
-Скопје памети многубројни закани и природни катастрофи, но градот секогаш повторно и повторно се кревал и закрепнувал и ги нижел своите победи. Победите на Скопје се неделиви од неговите скопјани чиј дух е запишан во бројни записи кои остануваат како сведоштва за взаемната љубов на градот и неговите граѓани, секогаш насочени кон подобра иднина на метрополата, објави Заев.