Заев-Пахор: С.Македонија ја има поддршката од Словенија за полноправно членство во ЕУ

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев денеска придружуван од заменик-претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претставници од повеќе министерства ја прими делегацијата на Република Словенија, предводена од претседателот на државата Борут Пахор, кој престојува во дводневна посета на земјата.

Во словенечката делегација беа и двајцата вицепремиери и министри, за економски развој и технологија Здравко Почивалшек и за одбрана Матеј Тонин.

Како што информира владината прес-служба, премиерот Заев, изразувајќи особено задоволство за посетата на високата делегација од Словенија, истакнал дека средбата ги реафирмира одличните билатерални односи меѓу двете земји, нивното сојузништво во НАТО и поддршката која ја има Северна Македонија во процесот на пристапувањето на нашата држава во Европската Унија.

-Словенечкиот претседател Пахор сеќавајќи се на првите средби со премиерот Заев, на почетокот на неговиот прв мандат, изрази почит кон неговото ангажирање и апсолутен фокус на исполнување на визиите кои носат позитивни промени и просперитет за граѓаните на Северна Македонија. Тој ги поздрави остварените договори за добрососедство и пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција, истакнувајќи дека Република Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, нудејќи сесрдна помош за унапредување на соработката во сите области, почитувајќи ги принципите на заемно почитување, се вели во соопштението од Владата.

Премиерот Заев се заблагодарил на словенечкиот претседател Пахор за традиционалната, искрена и посветена поддршка што ја дава Словенија на нашата држава во сите демократските процеси, испраќајќи порака дека регионалната соработка е исклучително важна и дека единствениот начин за просперитет на граѓаните е прашањата да се решаваат на начин кој сплотува, а не разединува.

Двете делегации на Северна Македонија и Словенија се согласиле и истакнале дека продолжува поддршката во областа на економско – трговската соработка, туристичката размена, како и инфраструктурните вложувања.

loading...

Слични содржини