Премиерот Заев упати честитки по повод Светскиот ден на децата кој е утврден на денешен ден во 1989 година, кога е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.
„Северна Македонија, како и сите други земји членки на Обединетите нации, со прифаќањето на Конвенцијата за правата на децата, се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи: Недискриминација; Придржување кон најдобрите интереси на детето; Правото на живот, опстанок и развој; и Правото на учество“, рече премиерот Заев и додаде дека токму овој настан на децата со претставници на Владата, на УНИЦЕФ и на Европската Унија го исполнува четвртиот принцип, учествувањето во креирање политики за децата.
Осврнувајќи се на темата на состанокот, иднината на образованието, премиерот Заев подвлече дека таа е во целосна согласност со стратегијата за развој на образовниот систем во земјата базирана на принципот – квалитетно образование достапно на сите.
„Нашето образование мора да се приспособува и на новите глобални предизвици. Пандемијата на КОВИД-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува со цел да се обезбеди пристап до образовниот процес за сите деца без разлика на проблемите со кои се соочуваат“, подвлече премиерот Заев и додаде дека паралелно со овие специфични предизвици, не се запоставени ниту обврските за создавање услови за мотивирани наставници и дигитализација на образованиот систем, кое ќе ги подготви младите за потребите на пазарот на трудот, а со тоа ќе се намали и младинската невработеност.
Амбасадорот на Европската Унија во земјата Дејвид Гир истакна дека не е едноставно да се постигнат сите елементи за квалитетно образование, но дека константното менување и прецизно ракување со образовниот систем притоа следејќи ги новите технологии и новите предизвици се смета за работа во прогрес.
Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во државата рече дека Светскиот ден на детето се одржува во време на еден од најголемите предизвици во нашата историја, пандемијата предизвикана од коронавирусот и дека токму поради тоа ова е значаен момент и можност да се слушне како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.