„Ако се постигне решение супер“: Бугарија пресече, нема да даде зелено светло идната недела

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев денеска патува во Софија придружуван од вицепремиерот Димитров и министерот Османи, македонската делегација ќе оствари средби со бугарскиот претседател Радев, техничкиот премиер Јанев и претставници на поголемите политички партии.

Заев рече дека очекувањата не треба да бидат многу високи бидејќи во моментов Бугарија нема ниту функционално собрание ниту политичка Влада, но има волја за разговори.

Тој останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара. Тој вели дека проблемот е тоа што Бугарија има техничка влада.

„Предлогот од португалското претседателство е реално решение за кое треба да се потрудиме и ние и Бугарија, но не треба да се очекува дека ќе биде постигнато решение. Бугарија има желби за разговори и треба тоа да го искористиме.Ако се постигне решение, супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање решение веднаш штом ќе се формира политичката влада. 6 октомври е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија,за време на словенското претседателство. Тоа е следна шанса, прва шанса е сега на 22 кога е Советот за општи работи а 24 и 25 има Европски совет“, рече Заев.

Идната недела нема да даде зелено светло

Бугарија пресече, идната недела нема да даде зелено светло за Македонија за старт на преговорите со ЕУ. Техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев во интервју за бугарската национална телевизија рече дека Софија нема да ја одобри преговарачката рамка за земјава како што е сега.

-Не. Нема да ја одобри бидејќи во моментов нашите услови се под покровителство и решението на рамката дадена во Собранието. Техничката Влада не е во позиција да направи таков чекор во таа насока. Дополнително, немаме време да коментираме, но таа позиција е постојана, повеќепати повторувана и таа се решава на политички дијалог меѓу двете земји, рече Јанев.

Изјавата на Јанев доаѓа на неполни 24 часа пред посетата на македонскиот премиер Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворшени работи Бујар Османи на Софија, каде токму со Јанев, но и со претседателот на Бугарија Румен Радев треба да разговараат дали е можно Бугарија на самитот на ЕУ идната недела да ја крене рампата за земјава.

 

 

Слични содржини