Заев по две години од Преспанскиот договор: Денес слободно можеме да кажеме – вредеше!

од Берта Китинска

Две години по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, лидерот на СДСМ, Зоран Заев преку својот профил на Фејсбук порача дека вредел целиот вложен труд во тој процес.

-Денес одминуваат точно две години откако го потпишавме Договорот од Преспа. Денес слободно можеме да кажеме – ВРЕДЕШЕ! Вредеше затоа што станавме полноправна членка на најсилниот воено-политички сојуз во светот – НАТО. Седиме на иста маса, рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните. Македонската иднина е обезбедена, а границите засекогаш сигурни. Вредеше затоа што Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија и конечно ги отворивме вратите на нашата ЕУ интеграција. По 15 години чекање почнуваме преговори за членство. НАТО и ЕУ се наша силна поддршка за развој, но и за соочување со предизвиците и опасностите како што е коронавирусот. Изминатиот период добивме голема помош и поддршка од нив.

Вредеше затоа што денес имаме соседи кои силно нѐ поддржуваат. Во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не нѐ блокира, туку и го помага нашето забрзано интегрирање.Вредеше затоа што обезбедивме сигурна иднина за нашите деца, развојна економија и нови партнерства и пријателства. Дадовме значаен придонес за стабилноста во регионот и станавме светол пример за сите. Продолжуваме напред!, напиша Заев.

Слични содржини