Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато, стои во честитката на премиерот Зоран Заев по повод одбележување на 11-ти октомври и 80-годишнината од Денот на востанието.
Според него, денеска се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост.
-Нашите борци од народно-ослободителната војна и сите претходни генерации, што ги вградија своите дела и животи во слободата, ни ја дадоа државата како дом за сите, како дом на слободата.
Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество, пишува Заев и додава:
-Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Да ни биде вековита Република Северна Македонија! Да живее слободата, потенцира премиерот.
Тој денеска заедно со други членови на Владата положи свежо цвеќе на Могилата на непобедените во рамки на свечена празнична програма.