Ние имаме одлуки за сите места, но проблемот е во Собранието кога се работи за нешто што е респект кон институцијата, вели премиерот Зоран Заев за злоупотребата на постапката за изборот и акредитирањето на амбасадорите од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи во Собранието, Антонио Милошоски.
Според него, тоа е голем проблем за државата.
-Имаме непополнети места во Бугарија, Србија, Брисел, Вашингтон, Израел, Турција. Се надевам дека до крајот на годината ќе го решиме овој проблем, додава Заев.
Минатата недела во јавноста се дозна дека поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски е предложен за македонски амбасадор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е претседател на собраниската комисија за надворешна политика, реагираше наведувајќи дека како претседател на комисијата нема да дозволи Фрчкоски да ја претставува земјава во ОН.