Заев: Порано се правеше сѐ да се скрие од медиумите, денес Владата е прва по отвореност во регионот

од Nikola Popovski
234 прегледи

„Денес, на Светскиот ден на слободата на медиумите важно е да повториме и потврдиме дека во Северна Македонија никогаш повеќе нема да дозволиме институциите да кријат информации. Властите кои кај нас криеја информации ја заробија државата. Од 2017 година ги отворивме институциите, ги декласифициравме податоците за трошењата и почнавме да објавуваме серија документи и податочни сетови. Со тоа Владата на Република Северна Македонија која во 2016 беше на последно место, веќе три години по ред е прва по отвореност во регионот“, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

Премиерот објави дека порано се правело сѐ да се скрие од медиумите, а денес службите на министерствата прават сѐ да обезбедат точна, сеопфатна и навремена информација.

„Извештајот на „Фридом Хаус“ уште потенцира дека Република Северна Македонија е единствената земја со демократски напредок во Западен Балкан. Нашиот напредок е втор најдобар резултат меѓу 29 земји од Европа кои се предмет на анализа во извештајот. Владата ја унапредува и ќе продолжи да ја унапредува двонасочната комуникација со медиумите како еден од примарните владини комуникациски принципи. Премиерот, министрите, владините претставници, прес службите, сите кои сме во контакт со медиумите, постојано мораме да ја подобруваме комуникацијата, да одговараме на сите прашања, точно и навремено. Тоа е наша обврска кон демократската јавност, но во исто време и нашето најсилно оружје во борбата со дезинформациите“, објави премиерот, додавајќи:

„Апелирам да се вложиме сите во навремено, точно и масовно информирање и да се спротивставиме на дезинформирањето кое има цел да создава лажна слика, да плаши и да крева паники и да ги носи граѓаните до опасност. Информацијата е јавно добро. Дезинформацијата е опасноста. На сите медиумски работници им го честитам 3 Мај, Денот на слободата на медиумите!“.

Слични содржини