Заев: Пораз на Украина ќе значи пораз на слободарските, отворени општества

од Vladimir Zorba

„Мора да го дадеме нашиот придонес и во поддршката на Украина во војната на вредностите. Треба да се направи сѐ што е неопходно демократските сили на Украина да ја поразат симболиката на вертикалната хиерархија на автократска Русија. Таа победа ќе биде и наша победа. Спротивно, поразот во војната на вредностите, којашто како таква не се одвива само на територијата на Украина, ќе биде пораз на слободарските, отворени општества“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на Корчуланската школа за тинк-тенк организации.

Тој додаде дека отпорот кон тоталитарната матрица и единството на демократските сили се основата за да преовладеат прогресивните општества што е еднакво важно како и зачувување на меѓународниот мир и стабилност.

„Особено важни во тој отпор се солидарноста, сојузништвото и непоколебливото заедништво на општествата и застапниците на иновативните, отворени, прогресивни сили, за родово неподелен пристап кон вредностите на демократија, човекови права, социјалната правда“ рече Заев.

Поранешниот премиер додаде дека е неопходна слободна, отворена и суштинска размена на мислења, градење сојузи и меѓусебно зајакнување на прогресивните општества.

„Гледаме дека другата страна презема сериозни чекори за да создаде сојузи против слободата. Војната ја присили Русија во потрага по сојузници да се сврти кон Кина, Индија, Иран, и останатите земји од БРИКС за кои знаеме дека немаат сериозно портфолио кога станува збор за демократија и за човекови права, односно кон прогресивните вредности што ги застапува западноевропската демократија“ рече Заев.

Тој потенцираше дека токму тоа е уште еден доказ дека војната во Украина е војна на вредности.

Слични содржини