Заев: После Охрид, нашата земја гради зрели политики

од Берта Китинска

Рамковниот договор ги постави темелите врз основа на кои ние како новоформирана влада во 2017 година го градиме нашето заедничко – едно и еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде, порача премиерот Зоран Заев на обраќањето на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на  Рамковниот договор.

После Охрид, нагласи Заев, нашата земја гради зрели политики, и наместо конфликти разговараме за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи, а заедно со нашите соседи создаваме Отворен Балкан.

–  По Охрид сите заедно, без разлика на нашата етничка, национална, верска, социјална и културна припадност изградивме едно еднакво општество каде секој може да најде просперитет и подобра иднина. Драго ми е, што после 20 години дискутираме за сите овие придобивки. Една од наважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно посветени на секоја индивидува, семејство и граѓанин, изјави Заев.

Во 2017 година, нагласи Заев, наш приоритет беше да му дадеме живот на Договорот и го донесе законот за употребата на јазиците, со што се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор.

–  Охридскиот Договор стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме, создавајќи заеднициа во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција. Заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре. Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности, истакна претседателот на Владата.

Охридскиот рамковен договор, нагласи Заев, ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други сограѓани.

Слични содржини