Заев: Преку Стоковите резерви се обезбедува хуманитарна помош која во секое време ќе биде достапна за граѓаните

од Берта Китинска
224 прегледи

Премиерот Зоран Заев денеска го посети Црвениот крст на Северна Македонија, а за време на средбата со Генералниот секретар на оваа хуманитарна организација, Саит Саити била претставена Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби, известија од Владата.
Согласно соопштението, Стоковите резерви ќе се обезбедуваат со посебни средства од Владата, кои ќе се користат за обезбедување одредена количина на хуманитарна помош, која во секое време ќе биде достапна за граѓаните погодени во случаи на елементарни катастрофи и кризни состојби.

„Денес Црвениот крст на Северна Македонија, со целото свое искуство, организираност и волонтерската база низ целата држава, со преку 500 волонтери и мобилни тимови учествува во справувањето со заканите од КОВИД-19 уште од почетокот на пандемијата. Во оваа наша борба за совладување на здравствената криза со пандемијата, тие се во првите редови заедно со лекарите и целиот медицински и друг помошен персонал во болниците, припадниците на МВР, нашите граѓани во униформа и цивилниот персонал на Армијата“, истакна премиерот Заев и посочи дека волонтерите на Црвениот крст беа во првите редови, веднаш до спасувачите од Дирекцијата за заштита и спасување, до пожарникарите, полицајците и војниците за време на големите пожари во нашата земја во текот на месец август.

Премиерот Заев нагласи дека посветеноста на овие волонтери не е само за време на катастрофите и дека тие се постојано на терен и им помагаат на бездомниците, социјално загрозените семејства како и на граѓаните на кои им е потребна помош.

„Заради сите овие причини и заради улогата на Црвениот крст во нашето секојдневие, денеска објавуваме дека соработката на Владата со Црвениот крст ја креваме на следно ниво. Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на оваа хуманитарна организација за воспоставување долгорочно одржливо партнерство со Владата на Република Северна Македонија за да се мобилизираат севкупните капацитети во државата преку континуирано обезбедување на стокови резерви на хуманитарна помош која би била достапна за итно делување при вонредни состојби“, нагласи премиерот Заев и дополни дека за таа цел е потпишана Програма за соработка помеѓу Црвен крст и Владата за обезбедување стокови резерви за делување при итни состојби.

При посетата, како што известуваат надлежните, премиерот Заев се зачленил, стана волонтер и добил волонтерски елек на Црвениот крст. Воедно на средбата тој примил златен медал на Црвениот крст, кој се доделува за посебни заложби и соработка во остварувањето на мисијата на оваа хуманитарна организација.

Слични содржини