Заев: Пристапот до информации во време на криза спасува животи

од Берта Китинска
262 прегледи

Оваа година Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер, ОН и УНЕСКО го посветија на остварувањето на ова право со услови на криза, и во услови кога за ова право се исполнети сите уставни и законски гаранции во демократските општества. Свесни дека пристапот до информации во време на криза спасува животи, Владата ги следеше принципите за отвореност на институциите, транспарентност и комуникација за најважните прашања и мерки во справувањето со КОВИД-19 од интерес за граѓаните, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Тој потенцира дека она што е најважно е дека токму пристапноста до информациите, транспарентниот пристап што Владата го покажува за време на кризата, гради доверба помеѓу граѓаните и институциите кои им служат.

-Денес, секоја проверена и веродостојна информација поврзана со справувањето на здравствените и економските последици од КОВИД-19 се на еден клик од секој граѓанин во Северна Македонија.Стратешките определби за пристап до информациите, за транспарентност и за комуникација, опфатија редовни прес-конференции, на почетокот и по две или три на ден, на кои медиумите и граѓаните, во живо преку интернет, или преку традиционалните електронски медиуми, беа редовно информирани и во контакт со стручни лица, и овластени политички претставници од најважните надлежни институции.Централните владини медиумски настани одат двојазично, а дополнителната инклузивност ја обезбедивме и со вклучување на толкувачите на знаковниот јазик, додека главните пораки за основна заштита од коронавирусот беа преведувани на 6 јазици на малцинствата, пишува премиерот Заев.

За да обезбедиме широк пристап до информациите значајни за граѓаните, појаснува тој, креирана е посебна веб-страница на која се наоѓаат сите информации за КОВИД-19 и сите мерки кои државата ги презема во борба со вирусот, а за економските мерки аплициравме посебна пребарувачка алатка.

Дополнителен пристап до најважните информации, според заев, овозможиле и апликациите на Вајбер, како и посебните веб страници за дел од владините мерки како што се https://domasiedoma.gov.mk и https://kupuvamdomasno.gov.mk/mk/.

-Сето ова се оствари затоа што Владата на Република Северна Македонија уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е отворениот пристап до информациите и навременото, постојано и веродостојно информирање, со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата, пишува премиерот на ФБ.

Слични содржини