Во јубилејот 30 години независност е собрана нашата историја, нашите надежи, нашите сеќавања, нашите остварени стремежи. Сите ние денеска сме дел од вековно долгата низа граѓани, активисти, основоположници и патриоти кои ги вложија своите ангажмани и животи за каузата и правдата, за создавање на нашата држава, истакна премиерот Зоран Заев на прославата на Денот на независноста.
„Сите кои придонесоа во изградбата на државата се патриоти и големци, втемелувачи на општествениот систем и на институциите, градители и чувари на демократијата, знаменосци на слободата, творци на мирот и стабилноста. Нашата историја е исполнета со историски личности кои даваат белег во идентитетот на тоа што сме денеска. Но нивната големина не била и останала само на нивните дела, во нивното време. Нивните дела и денеска се живи, а нивниот светол придонес во државотворниот процес е вграден и во периодот на осамостојувањето и градењето на независноста на нашата држава“, изјави премиерот.
Денес, вели, Северна Македонија има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани.
– Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите. Едно, единствено и еднакво. Нашето место во Обединетите Нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани. Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО, посочи Заев.