„Пописот 2021 во Северна Македонија ќе се спроведе со нова методологијата која за првпат ќе се применува кај нас и која во еден дел вклучува и електронски попис. Овој комбиниран модел е познат во светската пракса и е во согласност со препораките на ОН и Евростат“, објави денес премиерот Зоран Заев.
Според него, со вкрстување на податоците што ќе се добиваат од електронските прашалници на терен со податоците од базите коишто веќе постојат во државата, како, на пример, оние на МВР и на Фондот за здравство, ќе имаме целосен преглед за податоците кои се неопходни, но, не се опфатени со електронските бази.
Во меѓувреме, опозицијата бара владата да се откаже од законот со кој, според нив, се фалсификува пописот. Партијата на Мицкоски не се откажува од собирањето потписи, па дури и најавува дека во тоа ќе се вклучи и дијаспората.
Повиците на власта до опозицијата да го поддржи пописот доаѓаат еден ден откако претседателот и премиерот се состанаа со градоначалниците на сите општини за да ги запознаат со потребата од логистичка помош на локалната самоуправа кон Државниот завод за статистика. На координативниот состанок немаше претставници на опозицијата освен градоначалниците со кои во моментов раководи опозицијата. Пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април, но методологијата сè уште не е објавена. Заводот за статистика тоа го најави за следнава недела.