„Ми претставува голема чест и задоволство што денес и официјално се потпишуваат договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј од 100 мега-вати. Станува збор за една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Вредност на инвестицијата е 70 милиони евра, а ова постапка успешно ја завршивме по пат на јавно – приватно партнерство”, рече премиерот Заев на денешното потпишување на договорите за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј помеѓу Електрани на Северна Македонија со партнерите Фортис Енержи Електрик од Турција и со Солар про од Бугарија.
„Фотонапонската електрана од 100 мега-вати е конципирана како две постројки од по 50 мега-вати во кои АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер со компанијата Фортис Енержи Електрик од Турција во едната електрана, а во другата електрана со Солар про од Бугарија. Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. За возврат, приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,5% од произведената електрична енергија за час”, објасни премиерот Заев и додаде дека заработката на државата според пресметките би се движела до 1,5 милиони евра годишно.
„Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по 1 вработен по мега-ват односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи, како и посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација”, истакна премиерот Заев.
Во своето обраќање, премиерот Заев се осврна и на енергетската транзиција на земјата, за која рече дека е развиен сериозен енергетски стратешки план како една од точките на Акција 21 и во Интервентниот План за инвестиции 2021-2027.
„Одржливата или зелена енергија е меѓу нашите приоритети. За тоа потврдуваат и резултатите, Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мега-вати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто. До 2030 година следува постепено затворање на термоелектраните, на сите три блока во РЕК Битола и еден блок на РЕК Осломеј. Новите инвестиции во фотоволтаици се 1800 мега-вати ширум државата”, подвлече премиерот Заев и додаде дека дел од процесот на енергетската транзиција и спроведувањето на праведна транзиција (just transition) во енергетскиот сектор, предвидено е воведување на еколошки такси на загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на Европската Унија и обврските од Парискиот Договор.
„Средствата од овие еколошки такси ќе бидат исклучиво наменети за дополнителни проекти за зелена енергија. Донесовме Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, во која се предвидени три сценарија, основно, умерено и зелено сценарио. Добивме поттик од невладиниот сектор и од меѓународните организации, да го имплементираме зеленото сценарио, што значи поголеми инвестиции во чиста енергија, обновливи извори на енергија, затварање на термоелектраните на јаглен, инвестиции во енергетска ефикасност. Праведната транзиција меѓу другото значи и тие што загадуваат да плаќаат пенали, со цел да се обезбедат средства во Буџетот за успешно спроведување на праведната транзиција”, заклучи премиерот Заев.
Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски истакна дека договорот за јавно приватно партнерство ќе биде во траење од 35 години, после што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани на јавниот партнер, односно АД ЕСМ и да ги предаде во фактичко владение во исправна оперативна и погонска состојба.
„Градбата на електраните ќе биде целосно инвестиција односно вложување на приватните партнери, а проценката е дека нивната изградба ќе чини некаде 70 до 80 милиони евра. ЕСМ нема никаков паричен влог во изградбата. Тоа што ние го даваме е локација, а тоа е површина во стариот рудник за јаглен во Осломеј, пристапен пат до електраните, комплетна анализа на условите за производство, како и балансирање, што е една многу важна системска услуга, а која ние како производител на електрична енергија можеме да ја обезбедиме”, истакна Ковачевски и додаде дека со ова темпо на инвестирање во обновливи извори од ветер и сонце, процентот на производство електрична енергија од обновливи извори од 3 отсто значајно ќе се зголеми на сметка на производството од јаглен, за што, како што рече Ковачевски добиваме високи оценки од Европската енергетска заедница.
Атилла Учкардеш, сопственик на Фортис енержи електрик -Турција и Константин Василев Ненов, управител на фирма ОСМ Солар-Скопје во своите обраќања искажаа задоволство од транспарентната постапка за избор на компанија инвеститор за фотонапонска електрана. Ненов потенцираше дека постигнатите резултати се пример во Југоисточна Европа.