Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ги примија и одржаа работна средба со министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји.
На средбата во Клуб на пратеници министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за соседска политика Оливер Вархеји ги презентираа предлог решенијата за надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија кои имаат за цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.
„Министерот за надворешни работи на Португалија Силва и еврокомесарот Вархеји денеска донесоа предлог решение чија цел е надминување на проблемот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Би сакал да се заблагодарам и на двајцата, министре Силва, еврокомесаре Вархеји, за вашата професионалност, посветеност и одлучност да помогнете на Северна Македонија, на Бугарија, на целиот Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа, за сите заедно да продолжиме на патот кон прогресот и просперитетот“, вели премиерот Заев.
Според него, тој со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледса сите детали од предложеното решение.
„Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија“, потенцира Заев и додава дека за нас, особено важно е што со ова предлог решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија.
„После ова, сметаме дека сме во вистинскиот момент да одиме чекор понатаму, да се вложиме сите и час поскоро да постигнеме договор во интерес на заедничката европска иднина. Тоа го очекуваат и го бараат граѓаните на нашите две земји, тоа го очекуваат европејците, тоа си го должиме себеси, тоа му го должиме на народот. Ја имаме добрата волја, внимателни сме и имаме разбирање за нашите соседи, ги имаме нашите јасни идентитетски македонски позиции за кои не преговараме, а за кои Брисел покажа разбирање, и се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“, заклучува премиерот Заев.