Нема ништо спорно во набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци кој лани го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, вели премиерот Зоран Заев кој тврди дека за набавката вредна 81.000 евра има писмена комуникација меѓу Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за внатрешни работи и тие документи во наредните денови ќе бидат покажани на јавноста.
„Има причинско правни последици зошто е тоа правено, со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтверот кој може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект кој снима 360 степени, благодарение на претходни длабински анализи за потребата каков да биде, така што реков овие денови ќе ги соопштат сите детали и документи, ова е правено со причина. Не ни текнало нас седејќи во Владата „ај ќе правиме софтвер“. Имало потреба за тоа, затоа што е дел од сите политики и процедури поврзани со соодветните министерства“, вели Заев.
Во однос на софтверот кој бил набавен за потребите на МВР, од страна на тогашниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, од ДКСК информираа дека е покренат предмет.
„По изнесените информации во медиумите на денешниот колегиум отворивме предмет, сметајќи дека има доволно елементи за истражување за причините за набавката од една страна, а од друга страна и зошто тој се уште не е во употреба и она што беше ризично од наш апсект беше несоодветната комуникација помеѓу институциите и отсуството на системски пристап за утврдување на потребите. Тоа беа основните елементи по кои што отворивме предмет по допрен глас од медиумите“, истакна Билјана Ивановска.