Заев со поддршка на иницијативата на помалите партии: Следните парламентарни избори во една изборна единица

Во Собранието денес помалите политички партии како Демократски сојуз, Левица, ВМРО НП, ЛДП, но и СДСМ поднесоа Предлог закон за измени и дополнувања на Изборниот закон со кој се предвидува дека во С.Македонија ќе се гласа во една изборна единица на следните парламентарни избори.

„Се предвидува Македонија да биде една изборна единица, да остане пропорционален модел, да нема изборен праг, и пресметката на пратеници да се одвива преку Донтовиот количник“, посочи Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Трајанов смета дека со овие измени дефинитивно ќе се демонтира еднопартиското владеење во нашата држава, Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе имаме можност повеќе партии да одлучуваме за круцијалните прашања, ќе се создадат основи за системски промени, за департизација, за деполитизација на државните институции и можности да се отвори робусна борба против криминалот и да се реализираат битни промени.

Ако овој закон стигне до својата втора фаза, Трајанов потсетува дека ќе се вгради во рамки на законот и предлогот за сооднос на жени-мажи на листите.

Од името на СДСМ, пратеникот Минов посочи дека ова е дел од владејачката програма и за ова Владата има сериозен предвид.

„Нашиот став е недвосмислен дека во интерес на демократијата и парламентаризмот е дека пообјективност во делот на застапување на граѓаните е во случајот со РМ како модел што во исто време ќе значи поправична застапеност на субјектите што ќе учествуваат во изборниот процес исто така застапеност на помалите со соодветен праг“, посочи тој.

Апасиев од Левица пак, потенцираше дека неговата партија се приклучува кон оваа иницијатива за една изборна единица, и рече дека ќе ја поддржеле без разлика на предлагачот. Според нивните пресметки, Левица на минатите парламентарни избори била оштетена со тројца пратеници. Апасиев апелираше до сите пратеници да ги прифатат измените бидејќи тие придонесуваат за демократизација на општеството.

На предлогот, денес свој став имаше и премиерот, Зоран Заев кој посочи дека на ова нивно ветување ќе дадат поддршка, бидејќи како што вели, тоа е унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии.

„Губат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, најверојатно и Алијанса, но добива државата, добива демократијата и даваме поддршка на консензуално носење на Изборен законик. Традицијата во нашата земја е дека се прават напори секогаш заради рамноправно учество на сите во изборниот процес по пат на консензус да се носи Изборниот законик“, истакна Заев.

Слични содржини