Заев со порака до европските лидери: Не бидете наша пречка, бидете наши херои

од desk3

Премиерот Зоран Заев во Брисел упати силна порака до европските лидери како, можеби, последен обид за добивање на датум за почеток на преговови за членство во Европската унија.

„Бидете наши херои. Не гасете ги ѕвездите по кои посегнуваме, не бидете наша пречка. Европскиот пат е единствениот наш пат“, рече Заев во обраќањето.

Македонскиот премиер пред новинарите потсети дека земјата и нејзиниот народ по вторпат во оваа година исчекуваат и очекуваат.

„На крајот на јуни и почетокот на јули од Брисел стигна пораката дека Северна Македонија ги исполнила очекуваните резултати, но дека само поради календарски усогласувања на земјите членки на ЕУ, добрата вест за одлука за преговорите за членство во Унијата ќе ни пристигне во октомври. Еве го октомври. Дојдовме во Брисел и ја очекуваме заслужената вест за одлука за да почнеме преговори за нашата стратешка цел, членството на Северна Македонија во Европската Унија“, истакна Заев.

Заев притоа изрази разбирање за потребата на некои членки за отворање и заокружување на дебата за новата методологија на преговори, но потенцира дека е убеден оти двата процеца може и мора да одат паралелно.

„Методологијата може да се развие и спроведе и тоа никако не пречи Северна Македонија да добие позитивна одлука сега и веднаш, за да ги започнеме преговорите за пристапување со ЕУ. Ни треба позитивна одлука сега и веднаш. Одлука за пристапните преговори за нас значи нов процес на задачи, рокови и упорна работа на граѓаните, институциите и целото општество. Тоа е процес на отворање на поглавја што ќе ни овозможи да ги достигнеме стандардите на ЕУ и да го подобриме животот во Северна Македонија во сите области“, порача Заев и додаде дека секое одложување ќе биде прочитано како негативна одлука и ќе има многу негативни ефекти, ќе придонесе за големо разочарување кај граѓаните и Парламентот, ќе биде ставен во прашање кредибилитетот на Унијата, ќе ги поттикне регресивните страни во земјата и ќе го зајакне интересот на трети страни во регионот.

Слични содржини