Со усвоениот ребаланс на Буџетот за 2020 година македонските граѓани се уверија дека имаат држава која се грижи за нив, пишува на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заеев.
„Тоа е врвниот приоритет на Владата и во таа насока се пренасочени финансиски средства во справувањето со здравствената криза, за да се обезбедат на време вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети.
Дури 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места, со што ќе го овозможиме континуитетот на позитивните трендови на македонската економија, по завршување на кризата.
Поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и никој нема да биде изоставен. Ги имаме предвид сите дејности и компании.
Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка здравствените работници, кон студентите и учениците, кон невработените лица, социјално ранливите категории, како што се пензионерите и граѓаните од други категории.
Со ребалансот на Буџетот и со четвртиот пакет мерки овозможуваме директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст.Не се запоставени ниту нашите активни приоритети за реализација на капиталните проекти од интерес за граѓаните“, пишува Заев.