Заев: Софтверот за откривање сообраќајни прекршоци е набавен регуларно

од Берта Китинска
235 прегледи

Софтверот е набавен низ регуларна јавна набавка, авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност, рече премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница и го повтори тврдењето дека софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Драги Рашковски е набавен низ регуларна процедура.

Тој напомена дека  отчетноста и транспарентноста е целосно дел од работењето на Владата. Повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и фирмата „Инвока“ и е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Тој ги повика обвинителството и антикорупционерите кога ќе ја завршат истрагата јавно да ги соопштат своите наоди.

-Должен сум да информирам дека софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка. Авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност. Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности, надлежности на Владата, истакна Заев.

Заев ги повика истражните органи да го расветлат случајот до крај.