Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во вестите на Сител ТВ изјави дека пакетот мерки, кој денеска го презентраше техничкиот премиер, Оливер Спасовски е за рестарт на економијата. Тој вели дека опозицијата е таа која повикува на поголем број мерки, и имаме сега трет пакет со кој вкупно ќе бидат опфатени 730 000 граѓани.
– Тоа е широк дијапазон и јавноста знае на време е испорачан секој од трите пакети. Имаме предвидено платежна картичка за голем број категории граѓани, а во рок од 30 дена ќе треба да се потрошат за домашни поризводи или да го споменам ваучерот за туризам, да можат граѓаните да одат на летување и така да ги помогнат угостителско- туристичките капацитети, изјави Заев.
Тој напомена дека со мерките се опфатени сите млади до 29 години, освен оние кои продолжиле да ја земаат истата плата, и ако таа има пристојна сума.
– Со мерките водиме грижа за сите млади до 29 години, студентите, средношколците… нема само за младите со приход над 15 000 денари, имавме дејности кои не беа погодени од кризата тука имаа придобивки и таму нема помош, но сите кои се под 15 000 денари, па невработените, социјалците и уште многу категории граѓани ќе имаат полза од економските мерки, објасни Заев.
Заев на гостувањето во Сител повтори дека стопанството има вистински партнер во владата и дека илјадници фирми веќе се пријавиле на повиците за помош.
Во однос на изборите, тој вели дека првиот пригоден момент кој ќе го гарантираат здравствените власти, треба да се оди на избори.
Тој рече дека нема ултиматум за краен рок за утврдување на датумот за организирање избори и дека на лидерската средба треба да се слушнат мислењата на сите партии.
– Треба да имаме консензус за ова прашање од сите партии, рече Заев.
Лидерот на СДСМ додаде дека пригоден термин за избори би бил секој пред есента кога започнуваат да работат училиштата, кога се отвораат границите, кога ќе има поголема фреквенција на луѓето што влијае на можноста на зголемување на бројот на заразени.