Заев: Убеден сум дека со Бугарија ќе најдеме решение до јуни оваа година

од Nikola Popovski
345 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за луксембуршкиот портал и печатеното издание на „Луксембургер Ворт“, под наслов „На долгиот и бурен пат до ЕУ“, на прашањето во кое дел од одлуките на премиерот Заев се оценуваат како храбри и историски истакнува дека тие беа донесени за да се остварат големите стратешки цели на земјата – членството во НАТО и во ЕУ.

„Кога станува збор за исполнување на критериумите за почеток на преговорите, ние сме пример дека ги исполнивме. Фактот дека тоа не се случи предизвика кај сите нас во Северна Македонија непријатно чувство. Јас сепак останувам оптимист и убеден сум дека со Бугарија ќе најдеме решение до јуни оваа година. Исто така имаме непоколебливи очекувања дека Брисел ќе го поттикне решението на ова прашање и ќе докаже дека нема да дозволи прашањата од историјата да бидат пречка за интересот на ЕУ за проширување и за иднината на нашата земја“, истакнува премиерот Заев во интервјуто за „Луксембургер Ворт“.

На потпрашањето дали воопшто препознава апетит за ЕУ-проширување со оглед на тоа што кај ЕУ сѐ оди неверојатно напорно, Заев одговара:

„Конкретно за нашиот случај има многу големо мнозинство ‘за’ – 26 ЕУ-држави во мометнов се за почеток на преговори со нас за приклучување во ЕУ. И јас сум уверен дека проширувањето и натаму ќе остане дел од политчката агенда на ЕУ, затоа што ние како Западен Балкан сме опкружени со земји од ЕУ. Исто така не е во интерес на ЕУ да нѐ остави на дожд, со оглед на тоа што други големи сили демнат во балканскиот регион, како Кина и Русија. Како и да е, нашето место е во ЕУ, наспроти сите разочарувања. И покрај последното назадување, над 85 проценти од населението се за приклучување во ЕУ“, вели Заев.

Слични содржини