– Добивме поддршка и од претседателот Трамп, за покажаното лидерство, за градењето пријателство, за односот фокусиран кон иднината. Стигна и порака од францускиот претседател Макрон, ни ја гарантира иднината во НАТО и ЕУ. Дојдоа во Македонија канцеларката Меркел, канцеларот Курц, Могерини. Ова е исто така признание на нашата државност, јазик и идентитет, изјави премиерот Зоран Заев по враќањето до Вашингтон.
Тој на трибината во Богданци истакна дека целиот свет и дава поддршка на Република Македонија, а прашањето со референдумот е дали ќе бидеме дел од светот или сами во светот. Тој како што рече ја разбира мачнотијата поради географската одредница, но укажа дека со договорот од Преспа се потврдуваат македонскиот јазик и идентитет.
-Го потврдивме нашиот јазик и идентитет. Имаме држава признаена од цел свет, македонски народ признаен од цел свет, којшто говори јазик признаен од цел свет. Во Европскиот Парламент како македонски премиер зборував на македински јазик. Тоа е потврда на нашиот јазик и идентитет. Со овој договор ги остваруваме вековните аспирации на нашите предци, рече Заев.
Тој повика сите да излезат и да гласаат на референдумот.
-Ова е одлука на нашата генерација. Шансата може да ни се повтори за 50 години. На 30. септември не се седи дома, на 30. септември се гласа се испишува историја, рече Заев.