Заев: Владата преку поддршка на иновативни решенија вложува во развојна економија

од Vladimir Zorba
337 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска се обрати на панел-дискусијата на тема: „Со инвестиции во иновации до одржлив економски раст” во организација на Фонд за иновации и технолошки развој, а по повод 21 Април, Светски ден на креативноста и иновативноста.

Покрај премиерот Заев, на панелот се обрати Коста Петров, директор на ФИТР, како и претставници на компании кои реализирале иновативна идеја со поддршка на ФИТР, односно Весна Кузмановиќ од „Стратум Рид”, Димитар Шошев од „Елисиум Центар” , Ана Спасовска од „Иновејшн” и Глигор Давчевски од „Докстим”.

На настанот беше потенциран успехот што го бележи ФИТР, во изминатите неколку години преку поддршка на повеќе од 550 компании. Претставниците на иновативните компании кои беа дел од дискусијата се осврнаа на тоа колку за нив била важна поддршката од ФИТР, не само во финансиска смисла, туку и во целиот процес од идеја до реализација. Заклучокот беше дека за успешни компании со конкурентни и иновативни продукти, неопходна е поддршката од Владата, но и партнерскиот однос помеѓу компаниите особено при промоција надвор од границите на нашата држава.

„Во Буџетот за оваа година имаме проектирано 70 милијарди денари или 1,1 милијарди евра за економски програми, кои подразбираат и директна поддршка на инвестициски проекти на компании, поддршка на технолошкиот развој, дигитализација, иновации, проширување на производствените процеси, повисока продуктивност, обука на вработените, претприемништво, но и индиректна поддршка за бизнисот во унапредување на регулативата, намалување на давачки, како и средства за реализација на капитални инвестиции во инфраструктурни проекти.

Наша најважна обврска како Влада е да креираме општество и образовен систем кој ќе создава млади нови генерации со критичка мисла, кои ќе бидат креативни и иновативни. Во тоа сме успеале тогаш кога младите почнуваат да бидат љубопитни, да ги ставаат на тест сите информации кои стигаат до нив и кога почнуваат да се прашуваат: Дали може подобро?

Тоа е основата и суштината на иновацијата. Знаеме дека економскиот раст на една држава во најголем процент се должи на традиционалните инвестиции, но иновативноста е тоа што ја прави разликата, што нé движи напред и нé прави конкурентни на светскиот пазар и создава дополнителна вредност како за претпријатијата така и за државата.”, вели Заев.

Слични содржини