Премиерот Зоран Заев објави дека во 2020 година успеале да го испорачаат тоа што им го ветиле на граѓаните.
„Изминатата година нè научи дефинитивно да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Токму затоа и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му е потребна потпора за да ја преброди кризата, и здравствено, и економски“, стои во објавата на премиерот.
Тој додава дека од почетокот на кризата, согласно потребите на граѓаните, креирани се четири пакети-економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата, за што обезбедиле над 1,2 милијарди евра.
„Само со четвртиот пакет мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу 14.000 фирми и компании. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки“, соопшти Заев.
Премиерот на денешната прес-конференција заедно со министерот за финасии, Фатмир Бесими објави дека преку инвестиции во гасната инфраструктура ќе имаме гас и од Азербеџан, Катар, Америка, покрај рускиот гас.
„Се градат и ветерници, која ќе биде 100% домашна инвестиција. Ќе инвестираме во патната и железничка инфрастутура, гасовод, училишта и болници“, најави Заев и рече дека годинава со Буџетот се предвидени за 20 отсто повисоки се средства за капитални проекти, во однос на планот за 2020 година или повеќе од 23 милијарди денари.