(Видео) Заев: Владата цели кон поевтина и одржлива енергија

од desk2
107 прегледи

Новата реформска Влада ќе даде шанса на жените енергетичари и ќе го развива енергетскиот сектор, со намалување на цената на електричната енергија за граѓаните и домаќинствата, успешно работење на енергетските компании и економски раст во интерес на Република Македонија, порача премиерот Зоран Заев кој се обрати на Меѓународна конференција за енергетика која што се одржа во Скопје.


„Навистина, денеска сме на една важна тема и би сакал да дадам свој осврт, точно на тема каде што жените треба да бидат дополнително мотивирани за нивна партиципација севкупно во општеството, но и во овој важен сектор како енергетиката. Новата реформска Влада ќе даде шанса на жените енергетичари и ќе го развиваме енергетскиот сектор, на начин што ќе целиме кон намалување на цената на електричната енергија за граѓаните и домаќинствата, успешно работење на енергетските компании и економски раст во интерес на Република Македонија“, рече Заев.

Според него, енергетиката е меѓу водечките сили на економијата во една држава. Со обезбедена енергетска сигурност и безбедност, се обезбедува сигурен раст на економијата и на општеството.

„Во наредниот период Владата на Република Македонија силно ќе се насочи кон обезбедување енергетска сигурност и независност. Ќе ставиме посебен акцент на обновливите извори на енергија. Сонцето, симболот на нашата земја, ќе биде извор на енергија за секое домаќинство. Ќе го зголемиме домашното производство на струја. Ќе вложиме во развој на домашните енергетски капацитети и ќе изградиме нови, со цел да го намалиме скапиот увоз на струја. Ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, но за поевтина струја ќе направиме и низа други стратешки чекори. Ќе обезбедиме енергетска ефикасност.Ќе обезбедиме слободен пазар на електрична енергија согласно европските директиви.Ќе го донесеме и гасот до секое домаќинство како поевтин и еколошки енергенс. На овој начин ќе отвориме и нови работни места во енергетиката“, рече Заев.
На овој начин, смета дека ќе им се овозможи на граѓаните поевтина струја и стабилно снабдување со електрична енергија, како и стабилна економска клима за функционирање на енергетските компании.