Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека очекува позитивен сигнал од Кина во врска со вакцините, иако беше повлечен авансот заради незавршената процедура во таа земја.
-Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапката. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка. Има и втора постапка за набавување 200.000 вакцини, а формализирани се и постапките за руската вакцина „Спутник“, рече Заев.
На прашањето дали е познат датумот кога ќе стигнат вакцините во земјава, премиерот рече дека со текот на преговорите се менуваат датумите и затоа не може да се каже кога точно ќе дојдат во земјава.
-Не може никој да каже точен датум затоа кажуваме да помине кинеската Нова година или крај на февруари.Никаде во светот никој не може да каже кој вид на вакцина кога ќе стигне поради недостатокот. Ние направивме се, дури и авансиравме уплати за да дојдат што побргу вакцините. Во Кина авансот беше пуштен и порано за да стигнат порано вакцините, одговори Заев.