„Оваа година славиме три годишнини кои силно ја илустрираат современата историја и развој на Северна Македонија: 30 години од прогласувањето независност, 20 години од Охридскиот рамковен договор и 1 година од нашето членство во НАТО. Поубав пресек од тоа каде беше и каде е денеска нашата земја не може да се посака. Има ли нешто поубаво од мозаик? А, македонскиот мозаик сјае со најубавите бои”, потенцира претседателот на Владата Зоран Заев во интервју за електронското издание на угледниот словенечки весник „Дело”.
Премиерот Заев во интервјуто вели дека со Охридскиот рамковен договор во август 2001 година беше ставен крај на конфликтот и беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите.
„Државата покажа капацитет да се справи со сериозен предизвик и притоа се потпре на своите партнери од меѓународната заедница. Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест, покажавме дека сакаме да живееме во заедничката држава и дека можеме да се сложиме да напредуваме сите заедно”, нагласува премиерот Заев во интервјуто за „Дело”.
Заев додава дека Охридскиот договор е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја како дом во евроатлантската заедничка куќа со другите народи.
„Нашата определба e да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел e да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики. Токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство и за наша предност”, истакнува претседателот на Владата на Северна Македонија Заев во интервјуто за интернет изданието на словенечко „Дело” кое ќе биде објавено и во печатеното издание на весникот.