Премиерот Зоран Заев смета дека извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден е чиста порака за нас, која треба да ја сфатиме како охрабрување.
Поддржувачи сме, посочи Заев, на Преспанскиот договор. Тоа е порака на демократски вредности за кои, како што рече, се бориме и претставува своевидна најголема потврда за вредностите за кои оваа Влада се залага.
„Не е само градењето пријателство, постигнувањето мир и стабилност во регионот, преку дијалог и дипломатија, постигнувајќи ги сите овие договори кои што ги постигнавме прво внатрешно различно етнички сите поставени, па со Бугарија, Грција итн., туку и порано како Охридскиот рамковен договор“, рече премиерот.
Според него, ова е ветер во грб, за сите што веруваме во демократијата, во слободите и во отстранувањето на девијантните појави во општеството.
Новата извршна наредба на американскиот претседател Бајден за блокирање на имот и за запирање на влез во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на состојбата во Западен Балкан како бомба одекна во јавноста. Она што е во фокусот на нашата јавност е декретот на американскиот претседател кој предвидува и санкции за оние што ја попречуваат имплементацијата на двата договори од Македонија, Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор.
За одлуката на американскиот претседател се огласи вчера Европската Унија. ЕУ не планира да оди во ист правец засега. Петер Стано, портпарол за надворешна политика во ЕК, одговори дека Брисел не ги коментира одлуките на САД и дека темата за санкции не е на дневен ред.