Заев за парцелата спроти „Холидеј ин“: Ако се исполнети законските услови, секој може да добие одобрение за градба

од Nikola Popovski
369 прегледи

„Секоја реакција на граѓаните е вредна за размислување, но исто така и почитувањето на законите е вредно за размислување и спроведување. Ако одобрение за градба добил наш сограѓанин или фирма, која што ги исполнува законските услови треба да се види дали решението е согласно Деталниот урбанистички план и Генералниот урбанистички план, како и според одредбите на Законот за градба и Законот за урбанистичко планирање. Ако се исполнети секако дека треба секој да го искористи уставното и законското право“, изјави премиерот Зоран Заев за изградбата на висикокатници на парцелата спроти „Холидеј ин“, во строгиот центар на Скопје.

Заев кажа дека оваа Влада, со цел да се намалат мегаломанските градби, донела нов Закон за урбанистичко планирање со кој паркирањето мора да е во рамките на парцелата и во неа треба да се обезбеди најмалку 20 отсто зеленило.

„Градоначалникот Богдановиќ ме информираше дека  предвидено е двојно повеќе зеленило од она што го пропишува законот. Ако сакаат поголема катност треба да копаат повеќе од три нивоа под земја. Тоа на никого не му се исплати и затоа сега немаме мегаломански градби за што реагираа граѓаните“, додаде Заев.

За само еден ден речиси 7000 граѓани ја потпишале петицијата против изградба на висикокатници на парцелата спроти „Холидеј ин, при што се посочува дека „бетонски чудовишта ќе се градат на 83 000 квадрати“.

„Без јавна дебата и спротивно на основните урбанистички правила за пристоен живот во Општина Центар тече постапката за изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“. Направена е пресметка за износот на комуналии што фирмата-инвеститор „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ-ОА треба да им го плати на Општина Центар и на Град Скопје. Станува збор за околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Од вкупната сума, 60 отсто или околу 1,4 милиони евра ќе легнат на сметката на Град Скопје, а останатите 40 отсто (1 милион евра) ќе завршат во касата на Центар“, стои во онлајн-петицијата.

По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата.

Слични содржини