„Благодарност до противпожарните единици од Струмица, кои се справуваа со пожарот во трговскиот „Глобал“ до 4 часот наутро. Тие беа организирани со 6 противпожарни возила и 38 пожарникари“, изјави денес премиерот Зоран Заев од Струмица, по увидот на местото каде што се случи синоќешниот пожар.
Според него, „Глобал“ е симбол на модерна Струмица.
„Солидарно ќе се организираме, за да им помогнеме на сите оние кои загубија материјални добра во пожарот. Од утре ќе имаме солидарна акција. Ќе обезбедиме парични средства од Владата, општина Струмица, секој ќе помогне на некој начин, Сите заеднички ќе помогнеме!“, рече премиерот.
Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, пожарот во „Глобал“ бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути.
„Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил. -Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и беше пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување“, рече Гудев.